Дискусија на Новинарскиот пленум за МРТВ – уредничкиот тим не присуствуваше

10931083_805793512836075_7629906214789970284_n

Новинарскиот пленум, вечерва одржа дискусија за состојбата, професионалниот интегритет и обврските на МРТВ како јавен сервис, на која иако поканети, никој од уредничкиот тим на Македонската радио телевизија не присуствуваше. Наместо присуство на дискусија со колегите од фелата, уредничкиот тим на МРТ испрати кратко писмо до Пленумот со кое се заблагодаруваат на поканата за дискусија, но оценуваат дека „… таа во овој момент е тенденциозна и задоцнета“.
„Имало низа причини и поводи, години назад да се отвори дебата за работењето на јавниот сервис па затоа се поставува прашањето – каде беа борците за професијата тогаш?“ – се вели во одговорот на МТВ.

11059349_805793659502727_2382749438729613860_n

Новинарскиот пленум уште еднаш сака да нагласи дека, нашите намери со оваа дискусија беа исклучиво во насока на отпочнување отворени разговори за професионалните и за етичките стандарди во новинарството, но и за обврските на МРТВ кон јавноста. Новинарскиот пленум и понатаму останува отворен за дискусија.

Турбулентната политичка состојба која ја споменува МРТВ, е причина повеќе зошто треба да се разговара за проблемите со кои се соочува јавниот сервис, кој е должен на граѓаните да им обезбеди постојано, целосно, непристрасно, праведно и навремено информирање. Јавен сервис, кој ќе го почитува Етичкиот кодекс на новинарите, и нема да застапува и/или штити ставови и интереси на одредена политичка партија, туку програмите кои ги создава ќе се водат исклучиво од јавниот интерес и ќе бидат заштитени од влијание на власта, партиите или други центри на моќ.

На дискусијата беше направена и ретроспектива на работењето на МРТВ од почетокот на деведесеттите до денес. Според новинарот Теофил Блажевски, кој работел во јавниот сервис десетина години, иако во периодот од 2007 до 2010 година МРТ технички значително се обнови, целото вложување во техничка опрема „паѓа во вода“ кога најважниот – информативниот дел во МРТВ е можеби најлошиот, од аспект на професионалните и етичките стандарди од 1990 година па досега.

Се разговараше и за предусловите кои треба да се исполнат за МРТВ да се претвори во вистински јавен сервис, но, говорниците беа скептични дека првиот, најзначаен предуслов – политичката волја на главните политички елити во земјата да не ја корумпираат МРТВ, ќе биде исполнет.

Новинарката Ида Протугер, истакна дека законите кои беа донесени пред година ипол во медиумската сфера, наместо да обезбедат независност, всушност се носат за да обезбедат што поголема зависност. Според неа, Програмскиот совет наместо да ги исполни сите оние цели кои не ги исполнуваат комерцијалните телевизии, функционира како политичко тело што воопшто не одговара на таа задача на МРТ. „Во делот на нивната заложба за почитување на човековите права, токму тоа, сега со бомбите има сведоштва за кршење на човековите права, за тоа не се известува, од друга страна ги кршат човековите права со тоа што објавуваат снимки од ПИ-мерки. Апсолутно со своето поведение докажуваат дека се партиско гласило.“ – истакна Протугер.

Според новинарот Ацо Кабранов, МРТВ е тврд партиски сервис кој го плаќаат граѓаните. „Јас сум убеден дека еден ден Македонија ќе има јавен сервис и граѓаните ќе плаќаат за телевизија која ќе им ги испорачува информациите кои треба да ги слушнат и имаат право да ги слушнат. Со овој тим таму, сега и со оваа власт мислам дека можеби и затоа не дојдоа, нема логика да разговараме за некое балансирано или уредувачка политика кога нив уредувачката политика убеден сум дека им ја диктира Мартин Протуѓер.“ – истакна Кабранов на дискусијата.

Новинарката Биљана Секуловска побара ревизија на законот за финансирање на МТВ и истакна дека голем дел од програмата на јавниот сервис изобилува со спотови на владата, кампањи и реклами кои воопшто не треба да се пренесуваат, ниту пак да се произведуваат или пак да се емитуваат во многу мал дел.

На дискусијата беа поделени и правилата на ЕБУ, чиј член е македонскиот радиодифузен сервис. Модераторот на вечерашната дискусија Огнен Јанески, истакна дека МРТВ ги прекршува шестте јадрени вредности на уредувачките принципи на ЕБУ, кои се наведени во здружената декларација, на сите земји-членки на европскиот радиодифузен сервис, односно „универзалност, независност, професионалност, различност, отчетност и инвентивност“, а особено не ја почитува ниту т.н. „заклетва“ на ЕБУ-членките, која вели дека јавните медиумски сервиси припаѓаат на граѓаните на кои им служат, преку слободата на изразување и плурализмот во гледиштата, верувајќи во транспарентен свет на комуникација за општо добро, без мотиви за профит.

Leave a comment